ЛОКОМОТИВА ИМА ПОТРЕБА ОД ВОЛОНТЕР(К)И

за „Курирање во контекст 5“ и Перформанс Платформа Фестивал 2026

Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата има потреба од ангажирање волонтер(к)и кои сакаат да бидат дел од програмите „Курирање во контекст“ 5 и Перформанс Платформа Фестивал 2026.

Бараме луѓе кои имаат интерес за современа уметност, перформанс, критичко размислување, општествени и политички теми, колективни процеси, феминистички и еколошки перспективи, како и желба да бидат дел од динамична работна средина.

Не е потребно претходно искуство.
Најважно ни е да постои љубопитност, интерес, одговорност и желба за вклучување.

 

За Локомотива:
Локомотива е граѓанска организација основана во 2003 година која посветено работи на развој на услови за трансдисциплинарно истражување, продукција на знаење и уметнички практики, и презентација во полето на современата уметност и култура, со фокус на уметничкиот перформанс (танц, театар и визуелни уметности). Таа дејствува како локален и меѓународен истражувачки и застапувачки простор, кој промислува и преку трансформирачкото дејство на уметноста спроведува општествени имагинации за инклузивен, солидарен и соработнички свет.

Повеќе за делувањето на Локомотива и реализираните проекти на www.lokomotiva.org.mk

 

За „Курирање во контекст“ 5:
Школата оваа година се реализира со поинаков концепт од претходните изданија и ќе се одвива во текот на целата година. Програмата вклучува две семинарски сесии — првата од 11 до 14 мај во Скопје, а втората од 31 август до 4 септември во Струга — како и менторски сесии во текот на годината и презентација на програма и дела во рамки на Перформанс Платформа Фестивал во октомври 2026.

Ова издание на школата го поврзува процесот на учење, развој на идеи, кураторска соработка и продукција. Во него ќе учествуваат шест уметници и четири куратор(к)и кои работат во полето на перформансот, на пресекот меѓу танцот и визуелните уметности. Заедно, низ менторска и колаборативна работа, тие ќе развиваат нови дела и кураторски пристапи што ќе бидат претставени во рамки на есенското издание на ППФ.

Централната тема на школата е Futuring New Worlds / Иднинување нови светови. Преку оваа тема, школата отвора простор за промислување на поинакви модели на заедничко живеење, творење, соработка и грижа, потпирајќи се на уметноста како простор за имагинација, еманципација и општествена трансформација. Програмата вклучува работилници, предавања, разговори и соработка со уметници, куратор(к)и, активист(к)и и други професионалци/ки од домашната и меѓународната сцена.

 

За Перформанс Платформа фестивал #ППф 2026:
Перформанс Платформа Фестивал (ППФ), пак, е програма што Локомотива ја развива во текот на целата година, преку соработки со фестивали и партнери во земјата и регионот. Фестивалот е посветен на локални и меѓународни изведби, истражувачки и кураторски процеси, како и на отворање прашања што ги поврзуваат уметноста со пошироки социо-политички контексти.

Оваа година ППФ 2026 ќе се одвива во два дела — во јуни и во ноември — и ќе вклучува истражувачки лаборатории, предавања, перформанси и дискусии. Фестивалот работи со фокус на феминистички пристап во курирањето, на развивање долгорочни партнерства, како и на создавање простор за критичко размислување, размена и заедничко учење.

 

За волонтерскиот ангажман и начин на пријавување:
Волонтер(к)ите ќе имаат можност да се вклучат во различни сегменти од организацијата и реализацијата на овие програми, како што се: поддршка при подготовка и реализација на настани, комуникација со учесници и публика, логистичка поддршка, продукциска помош, присуство и асистенција на семинарски и фестивалски активности, како и други задачи во координација со тимот на Локомотива.

Преку волонтерскиот ангажман, учесниците ќе имаат можност да се запознаат одблиску со работата на една независна културна организација, да стекнат практично искуство во организација на современи културни програми, да бидат дел од процеси на учење, соработка и размена, и да се поврзат со локални и меѓународни уметници, куратор(к)и и културни работници/чки.

Доколку те интересираат темите со кои се занимаваат Локомотива, „Курирање во контекст“ 5 и Перформанс Платформа Фестивал, и сакаш да бидеш дел од овие процеси, те охрабруваме да се пријавиш.

За пријавување потребно е да доставите кратка биографија и мотивациско писмо на lokomotivaskopje2015@gmail.com најдоцна до 10.05.2026 година.