Култренинг | Работилница за движење и танц „Раздвижени тела“ со Симона Спировска

Култренинг | Работилница за движење и танц „Раздвижени тела“ со Симона Спировска || 27 ноември 2023, 17:00 – 18:30 часот || КСП Центар – Јадро

ЛОКОМОТИВА – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата и ве кани да се придружите на последната работилница од Култренинг програмата „Раздвижени тела“ со Симона Спировска која ќе се одржи во просторот на КСП Центар – Јадро.

Серијата Култренинг работилници се организирани во соработка со локални и поканети регионални и меѓународни кореографи и танцови уметници, во различни простори во градот. Работилниците се отворени за сите заинтересирани граѓани, без разлика дали имаат некое претходно познавање од современиот танц.

Работилницата е бесплатна и отворена за учесници со или без танцувачко искуство.

Пријавете се на kultrening@gmail.com, бројот на учесници е ограничен. 

Ве молиме понесете удобна и лесна облека.

Работилницата „Раздвижени тела“ со Симона Спировска на учесниците им нуди методи на истражување на слободното движење и чувствување на сопственото тело, неговата флексибилност, рамнотежа и координација.

Во оваа работилница учесниците ќе работат на поврзување и емотивно активирање на сопственото тело и изведување движења за зголемување на  опсегот на движење и флуидност.  Преку бавни удобни чекори и свесно движење ќе се одржува личниот центар на гравитација и координација на телото. Учесниците во границите на своите можности ќе работат со слободни движења во соодност со својата постурална стабилност. 

Оваа работилница ве кани да предложите сопствени начини на движење, отвореност, следење и слушање на сопственото тело.  

Преку движење да се обидеме да одговориме на прашањата:

Како можеме да внесеме и да ја ослободиме емоцијата и енергијата во нас?

Како да го ослободиме умот и телото преку балансирање, движење и танц? 

Да градиме телесно самоизразување и социјално поврзување, засновани на нераскинливо испреплетените принципи на емотивно движење и танц.

Симона Спировска е родена 1985 година, во Скопје, Република Македонија. Дипломирала и магистрирала катедрата за Драмски актери, на Факултетот за Драмски Уметности, во Скопје, во класата и под менторство на проф. Владимир Милчин. Од 2011 до 2013 година работи како демонстратор на Факултетот за драмски уметности, по предметот Сценски движења и танци. Во моментов е вработена во Театарот за деца и младинци, Скопје и е дел од здружението Артопија.

Со танц се занимава подолго од што се занимава со самата себе. Долгите години минати со, за и низ танц ѝ овозможиле да се занимава со различни танцови облици и секогаш да бара начин да ги испреплетува и развива во изведувачкиот контекст. 

Работилницата ќе трае 1,5 часа во една сесија.

*****

Работилницата е дел од програмата „Култренинг” на Локомотива реализиранa во соработка со КСП Центар – Јадро.

Тимот на Локомотива го сочинуваат програмскaта директорка Биљана Тануровска- Ќулавковски, проектната менаџерка Емилија Чочкова, соработничката Зорица Зафировска, администраторката Ѓурѓица Христовска и ПР Јулијана Младеновска.

Програмата Култренинг е креирана од Локомотива и поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија.