19–20 ноември 2025, (Maison de la danse & CN D), Лион, Франција
Кореографките Викторија Илиоска и Ивана Балабанова, како дел од програмата на Локомотива во соработка со мрежата EDN (European Dance Development Network), учествуваа на годинешното EDN Atelier: Advocating for Dance – Taking Action to Defend Dance, кое се одржа на 19 и 20 ноември во Лион, Франција. Настанот, организиран од European Dance Network (EDN) во партнерство со Maison de la danse Lyon и CN D – Centre national de la danse, се фокусираше на развивање алатки и стратегии за застапување, јакнење на културните политики, уметничката слобода и прекуграничната соработка во танцот.
Програмата на ателјето вклучи интензивни сесии за културни политики, застапување, репрезентација на танцот, одржливи модели за турнеи, како и практични работилници со уметници и експерти од повеќе европски земји. Овие теми беа обработени преку воведни предавања, дискусии во помали групи, практични тренинзи и презентации, меѓу кои и сесии како модулот за локално застапување (Luiza Moroz / Culture Action Europe) и уметничка слобода и иновативни модели на финансирање.
Илиоска и Балабанова се ко-основачки на Mакедонската кореографска платформа (МКП) заедно со други колеги од кај нас, и на првата платформа, која се одржа за прв пат оваа годнина, во рамки на Перформанс Платформа фестивалот организиран од Локомотива, заедно започнаа со застапувачки активности во полето на современиот танц.
Учеството на Илиоска и Балабанова во Лион, овозможи размена на знаења со европски професионалци и придонесе за унапредување на вмрежувањето, застапувањето и интернационализацијата на современата танцова сцена во Северна Македонија. Нивната презентација и присуство во дискусиите придонесоа кон афирмирање на потребите на современата танцова сцена, како и МКП која има за цел да се развива, да ги поддржува македонските кореографи, и да ја поддржува размената, продукцијата на знаење во полето како и регионалната и европската соработка.
Локомотива е членка на мрежата ЕДН и преку активностите на мрежата ја вклучува современата танцова сцена, со цел нејзин развој.
Оваа активност е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, European Dance Network (EDN) и проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.

Фотографиите се на Ивана Балабанова