Во рамки на најновиот, единаесетти број на списанието „Арс Академика во чиј фокус се миграциите, Биљана Тануровска-Ќулавковски, културна работничка, истражувачка, кураторка и авторка која работи на пресекот помеѓу танцот, театарот и визуелните уметности, го објави текстот „Епистемомиграции – изведување на нови хоризонти (во културните политики и образовните курикулуми)”.
„Арс Академика“ е стручно-научно списание за изведувачки уметности, кое го објавуваат Факултетот за драмски уметности – Скопје и Факултетот за музичка уметност – Скопје. Списанието отвора простор за истражувања, анализи и теоретски промислувања во полето на театрологијата, музикологијата, кореологијата, филмологијата и сродните дисциплини.
Текстот на Тануровска-Ќулавковски ги разгледува миграциите не само како физички преместувања, туку и како епистемолошки процеси – епистемомиграции – преку кои се движат, се трансформираат и се артикулираат знаења, телесни практики, афекти и форми на уметничка и педагошка интервенција.
Како дел од истражувањето, таа реализира три интервјуа со македонски автори – кореографи и изведувачи Викторија Илиоска, Александра Петрушевска и Александар Георгиев, кои се дел од првото издание на Македонската кореографска платформа (МКП), споделуваат лични и професионални перспективи за телото, движењето и образованието во контекст на миграцијата на знаењата.
Во продолжение ги објавуваме интервјуата во целост, како дел од КоЛабораторија, програма на Локомотива за истражување и продукција на уметнички, кураторски и дискурзивни практики.
Биљана Тануровска – Ќулавковски: Како вашите „миграциски преместувања“ и „поместувања“ во други места, контексти, ситуации и политики влијаат на вашето творење? Односно, како овие движења, мигрирања – односно преносот и размената – низ јазици, тела, гестови и културни кодови, контексти, кои не се само географски движења туку и епистемолошка размена, продукција и реконструкција на знаење, уметнички изрази и форми на живот, влијаеа на вашата уметничка практика?
Викторија Илиоска: Не верувам во фиксирани географии – ни на телото, ни на мислата. Преместувањето за мене никогаш не било само преминување на граници, туку и преминување на граници на јазикот, формата, контекстот и моќта. Секое движење – од Прилеп до Скопје, до Гисен, до Франкфурт; од сцена до студио до улица – е седимент на искуства кои постојано ја прередуваат мојата внатрешна архитектура.
Овие преноси не се пасивни. Тие стругаат, пукаат, преведуваат. Битието во дислокација ме научи како да се лоцирам себеси преку релациите – преку пријателства, привремени сојузништва, (шепотени) социјални кодови и колективни одбивања. Моето кореографско размислување е обликувано од тие преминувања: гестови кои не можат да се повторат на ист начин во Франкфурт и во Скопје, политики што различно тежат врз телата овде и таму, и временски текови што се протегаат или собираат во зависност од тоа дали работиш од прекарност или од привилегија.
Исходот од тоа е практика која не е само адаптивна, туку субверзивно адаптивна – кореографија на пукнатини и протекувања, на она што избегнува форма. Не се работи за стигнување некаде, туку за останување во движење, секогаш малку несинхронизирано – таму, верувам, се раѓа знаењето.
Александар Георгиев: Би сакал да одговорам во линија на тоа дека за мене сите преместувања, поместувања и размени – но не само тие – туку и сите форми на „номадски локализации“ во различни контексти, места, ситуации и програми, имаат огромно значење врз мојата уметничка практика и самопозиционирањето во неа и преку неа.
Постојат големи разлики во тоа како влијае едно краткотрајно патување во непознат, бирократски или политички „туѓ“ контекст – на пример, за фестивал, програма или кратка резиденција – во споредба со подолгорочни преместувања: една, две, три или десет години. Во вториот случај не се работи само за разбирање на бирократската или менталитетната динамика, туку за емоционално и сензуално доживување, како и за длабока политичка интеграција и преиспитување на знаењата кои доаѓаат од различни репрезентативни слоеви на едно општество.
Еден банален пример: кога работиш во средината во која си израснал, каде што веќе имаш извесен социјален статус и препознавање, добиваш и една повратна врска која влијае врз тоа како го формулираш следниот ангажман. Но, кога се преселуваш во средина каде што си мигрант и припаѓаш на друга социјална класа, твојот статус и тоа што го претставува твоето тело и твојата работа се чита сосема поинаку. И тоа влијание не е само естетско, туку и кинетичко, политичко, епистемолошко.
Делувањето од различни социјални позиции – со различни статуси – доведува до драстични разлики во практиката. Во мојот случај паралелно работам на две или три места истовремено, секое од нив со различни историски, политички, ментални и емоционални кодови. И сето тоа ја обликува мојата практика.
Се појавува хиперрефлексија – но не линеарна, туку во повеќе правци одеднаш. Тоа води до модел на трансиндивидуалност во работата, до денационализација на знаењето и уметничката практика. Овие контексти не се само места каде што ја прикажувам работата, туку и места каде што сум интегриран – со интензитет што живото тело може да го издржи. Тоа се реципрочни односи: тие влијаат врз мене, а јас влијаам врз нив.
И колку и да кружам околу прашањето, не можам прецизно да артикулирам како тоа влијае – но влијае на повеќе слоеви истовремено. Моите прашања, модели, методи, системи постојано се преиспитуваат преку 3-4 различни контексти во кои сум интегриран, како и преку „интернационална сцена“ со која сум во краткорочна релација. Понатаму, уште еден слој: константно подвижна, нефокусирана, критичка размисла преку споредби, соработки, ментални игри од типот „а што ако…?“.
Повратната врска од публиката, колегите, контекстите, постојано ја надградува работата, влијае врз идните насоки, и ја одредува мојата „работна линија“.
Ако морам да спекулирам метафорички: да работев исклучиво во Македонија (или, да прошириме и во Србија или Бугарија), веројатно ќе развиев силна практика во рамките на танцовиот театар – поле од кое денес се обидувам што повеќе да се оддалечам. Во моето образование, танцот на Балканот се појавуваше како продолжеток на театарот, а и професорите беа главно од театарот или хибриди од движење и театар. Референциите беа театарски, единствен исклучок: Пина Бауш.
Да израснев во Шведска, ќе се занимавав со еманципацијата на танцот од театарот – и тоа ќе беше основата на мојата практика. Така што, ваквите поместувања влијаат врз основното дефинирање на тоа што е движење, што е танц, што е кореографија – што е суштина на уметничкото позиционирање.
Ако гледаме пошироко, влијанието на преместувањата е огромно: на ниво на практики, политичности, идеи, модели на информираност и дејствување. Се надевам дека ова е доволно сликовито и доволно искрено како одговор.
Александра Петрушевска: Од мое лично искуство, миграциското преместување – како и физичкото и менталното поместување – ми отвори нови перспективи за дотогашното акумулирано знаење во полето на танцот и кореографијата. Не само што ми ја избистри сликата и ми помогна појасно да ја контекстуализирам мојата работа, туку и ми овозможи да развијам поширока свесност за тоа како движењето – било да е на сцена или зад неа – влијае не само врз формата на делото, туку и врз ткивото на самата работа: односите меѓу телата, грижата, динамиките на соработка, политиките што ги носиме со себе.
Преку ова искуство, појасно ги согледав неколку клучни аспекти:
● Релативната важност на танчарот во структурата на едно дело – и обратно;
● Релациите што се градат при создавање сценско дело;
● Како изгледа и што опфаќа продукцискиот процес;
● Што значи да се биде кореограф/ка;
● Улогата на физичката и танцовата едукација – и во институционален и во самостоен контекст;
● Преносот на танцот кон публиката и нејзиниот одговор;
● И, конечно, градењето поширок екосистем што ги вклучува не само кореографи и танчари, туку и професори, теоретичари, критичари и други учесници.
Навраќајќи се на мојата уметничка пракса, сфатив дека таа, пред сè, не е само „моја“, туку збир од многубројни танцови стилови и пракси што сум ги изучувала низ годините – некои подолго, некои покусо. А тие стилови, секако, биле пренесувани од одредени индивидуи – секој со свои пристапи и перцепции – што значи дека не можат да се сметаат за целосно објективни и лишени од лични погледи и интерпретации.
Затоа чувствувам нелаго́дност да ја нарекувам „моја“ уметничка пракса, бидејќи сè повеќе се гледам себеси како канал низ кој се манифестираат одредени физички движења и концептуални размислувања, а не како единствен автор на тие форми и идеи. Таа станува акт на ослободување од авторството и исчекор кон создавање естетика што избегнува лесна категоризација, но свесно се движи во рамките на современиот танц. Преку мешавина од стилови што сум ги изучувала – вклучувајќи го и каратето – таа влече корени од техники на модерен танц, балет, урбани танци и боречки вештини, а и, секако, танци што сме ги гледале и имитирале од Јутјуб, кои егзистираат не само низ едно кореографско дело, туку понекогаш и во едно единствено движење. Со таков пристап, границите меѓу едното и другото се избледуваат; тешко е да се одреди каде завршува едното, а каде почнува другото.
Ова го пишувам како дел од научените нешта при миграциско преместување, бидејќи дистанцата и едукативниот контекст ми дадоа појасна слика за тоа како танцот и кореографијата се третираат во контекстот од кој доаѓам – Македонија. Најчесто, фокусот паѓа врз кореографот како индивидуален автор, а многу поретко врз самото движење, процесот или заедничката телесна и уметничка работа. Исто така, кореографите/кореографките со најголема видливост во Македонија најчесто доаѓаат од балетска позадина – што укажува на затворена структура која не препознава други форми, пристапи и кореографски размислувања поврзани со современиот танц.
За да стигнам до осознавањето за тоа што ја сочинува мојата уметничка пракса, ми беа потребни простор за рефлексија, работа со пријатели и колеги, и ментори кои ќе ги постават вистинските прашања во вистинскиот момент.
Друго значајно сознание што произлезе од миграциското преместување е запознавањето со соматскиот пристап во танцот и кореографијата. Обликувањето на едно движење – а потоа и на цела кореографија – може да се одвива на безброј начини а тоа да не биде копирање на движење кое доаѓа од кореографот. Исто така, постојат различни пристапи за тоа како се доаѓа до форма и како се напушта таа форма. Свесноста за тоа какви форми и афекти телото може да предизвика кај публиката – независно од тематиката – игра клучна улога во уметничкото создавање. Преку рефлексивни танцови практики и внимателна работа со телото, се унапредува свесноста за движењето – и на сцената и надвор од неа. А со тоа се зголемува и капацитетот на изведувачката способност.
Како независна танчарка во рамки на независни продукции, научив и за важноста на индивидуалецот во колективниот контекст – што застапува, како комуницира и какви релации гради во целокупната динамика на работа. Ова подразбира и запознавање со работничките права во полето на танцот и кореографијата, како и со начините на заштита од потенцијална злоупотреба на прекаријатната позиција што ја носи независниот статус. На пример: колку долго трае пробата, кога се паузите, како е организирано исплаќањето, кој е процесот на создавање и што точно се очекува од вработениот/ата танчар/ка.
Биљана Тануровска – Ќулавковски: Дали имате можност тие знаења да ги пренесувате во земјава, но и таму каде сте преместени или поместени?
Викторија Илиоска: Би рекла дека го носам знаењето како што некои носат шверцувани добра – во фрагменти, неисполиранo, но неопходнo. Мислам дека успевам да го пренесам, или можеби подобро речено – да го испуштам, во обата правци. Понекогаш тоа е гест во некоја работилница, понекогаш шепнато „да, не си сам/а“ до помлад колега/колешка, понекогаш е во инсистирањето за процесот над производот, или во одбивањето на хиерархиите маскирани како структури.
Дома често се чувствувам како да се обидувам да преведам искуства на јазик што сè уште не постои – не затоа што бркам некакво ново откритие, туку затоа што постојните форми често ми изгледаат премногу тесни, премногу позајмени. Искрено, веќе ми е преку глава од тоа колку некои уметници се опседнати со идејата да создадат нешто „ново“. Би рекла: такво нешто не постои. Она што се трудам да го направам не е да увезам, туку да компостирам. Да оставам нештата малку да скапат, да ферментираат, и да пораснат во локалната почва. А во странство, инсистирам да зборувам од овде – од моите контрадикции, од мојот акцент, од мојата распукана позиција. И тоа е вид на пренос: да ја одбиеш асимилацијата како цена за видливост.
Никогаш не се работи само за пренос – туку за реконтесктуализација. Она што функционира во Германија често пука под притисок во Македонија. Но, тие пукнатини се корисни. Тие откриваат што не може да патува, а што мора.
Александар Георгиев: Прво, никогаш не го доживувам процесот како „пренесување знаење“ од едно во друго место или контекст. Поради тоа што секоја информација или практика има своја специфична ургентност во даден контекст, и секој што е таму присутен ја прима, ја обработува или ја игнорира врз основа на сопствените параметри. Кога се преместуваш, не ја „пренесуваш“ истата таа ургентност или значење. Можеби споделуваш практики, искуства и начини на размислување кои се оформени преку склоп на различни информации – не само од другиот контекст туку и селектирано, преку лична историја, искуства, сензуалности. Поради тоа не верувам ниту дека пренесувам, ниту дека треба да пренесувам знаење.
Морам да признаам дека понекогаш доживувам печалбарска тежина во идејата за „носење знаење“. На пример: ако двајца луѓе од ист контекст се селат во ист друг контекст, и потоа се вратат назад, тие нема да носат иста информација – затоа што влијанието, значењето и обработката на доживувањата се длабоко индивидуални, комплексни и неуниверзализирачки.
Токму во тоа лежи и убавината и предизвикот на изведувачките уметности – не постои формула што може да се пренесе или декодира како гарантирана успешност, економска вредност или репликативно знаење. Сето тоа е жива материја, која постојано се менува, исчезнува и се реформира.
Затоа, за мене стана јасно дека, како некој што се обидува да дејствува интегрирано на 3-4 различни места, единственото што можам реално да го направам е да споделувам практики, информации, искуства – а, ако мора тоа да се нарече „споделување знаење“, тогаш мора нужно да се сфати и како споделување незнаење истовремено.
И да, мислам дека успевам да споделам дел од мојата практика во различните контексти во кои сум активен, но начинот на кој тоа го правам е крајно изморувачки. Условите во кои тоа се случува се често драматично лимитирани, а понекогаш и речиси невозможни. Не е исто како во контексти каде има системска поддршка, инфраструктура или ресурси – финансиски или нефинансиски.
Споделувањето формати, практики и етика низ 3-4 различни места – „на мускули“ – е мега изморително. Не секогаш постои простор, ниту слух, ниту капацитет за одржливо практицирање, особено кога е потребна континуирана грижа и труд.
Ако зборуваме конкретно за Македонија, токму таму имам најмалку можности за такво споделување и најмалку услови за развој на мојата практика на начин на кој би сакал.
Александра Петрушевска: Досега немав многу можности да ги пренесам стекнатите знаења, освен делумно – преку две работилници во рамки на Култренинг. Други институции не ме повикале да го споделам моето искуство, а и јас самата не сум презела доволно иницијатива за да им се доближам. Во процесот сфатив дека нема институција или одговорно лице што систематски евидентира кои уметници учат или работат надвор од Македонија, ниту пак новинари кои редовно го следат полето на современиот танц – освен кога станува збор за нарачана содржина.
Како резултат на ова, и покрај тоа што бројот на македонски уметници кои се активни во странство расте, нивното знаење и искуство многу ретко стануваат видливи за пошироката јавност. Во моментов, сè зависи од иницијативата и волјата на поединецот – самиот да се промовира, да воспостави контакти и да создаде услови за соработка со институции кои би биле подготвени да го поддржат и да овозможат простор за размена.
Таму каде што сум преместена, го пренесувам своето знаење преку секојдневното делување во мојата професионална сфера – преку колегијалност, перспективите што ги носам со себе на проба, изразена емпатија, разбирање на потребите на другите, како и преку споделување на ресурси. На пример, учествувам во самоорганизирани колективи во Берлин кои промовираат уметнички практики и функционираат врз база на донации. Исто така, редовно разменувам знаења и искуства со колеги, преку различни неформални канали и иницијативи.
Покрај тоа, имам воспоставено и континуирана пракса на далечина со Тереза Лазарев – танчарка и кореографка која моментално живее и работи во Македонија. Заедно разменуваме идеи, си помагаме во различни фази од креативниот процес и постојано се обидуваме да ги избришеме јасните граници меѓу улогите на танчар – кореограф, танчар – драматург и танчар – пријател. Нашата размена се заснова на взаемна почит и љубов кон танцот, кој за нас претставува и мерило и валута.
Во Берлин сум дел од независната сцена и учествувам во проекти на различни кореографи. Во тие процеси постојано придонесувам со посветена и квалитетна изведба на сценските дела, активно учествувам во процесите на креирање, и несебично ги споделувам моите идеи, време и енергија.
Најнакрај, преку моите авторски дела се обидувам да ги артикулирам вредностите што ги носам со себе во танцот, и преку естетиката да ѝ дадам форма на мојата визија за кореографија.
Биљана Тануровска – Ќулавковски: Како, според вас, тие може да влијаат во нашиот, македонскиот, едукативен систем? Што е она што недостасува во полето на современ танц, што вие би сакале да пренесете?
Викторија Илиоска: Мислам дека не недостасува содржина. Недостасува дозвола. Дури и авто-дозвола – да се одучиме, да импровизираме, да ги одбиеме каноните, да влеземе во студиото без план, да не успееме, а да бидеме достојни на просторот. Но и да останеме искрени во тој неуспех – да не го криеме зад форма. Нашиот образовен систем сè уште е вплеткан во убедувањето дека знаењето мора да биде спакувано, оценето и изведено за да добие одобрување. Сакам да го инфицирам со љубопитност и непослушност. Да не се плашиме да викнеме: „Да, изгубен/а сум, не знам што сакам, ниту што можам!“ – бидејќи на крајот, тоа е сосема во ред. И можеби ќе бидам малку дрска, ама ќе се осмелам да кажам: Танчери, ве молам, (забога,) препознајте ги своите навики и разбијте ги. Ваша обврска е, дури, и да не го репродуцирате истото вие, истата техника, истото од истото – затоа што истото раѓа само повеќе исто.
Значи: одучете го тоа што сте го научиле, и научете го повторно. Можеби, колку за забава, влезете во истиот простор од друга врата. Сакам да кажам… на крајот, вака си зборувам самата на себе.
Според мене, во полето на современ танц тука често недостасува одржлив дијалог со процесот. Сè уште сме заведени од полираната изведба, премиерата, аплаузот. Сакам да ја пренесам вредноста на „уште-не“, на пробата, на колебањето, на тишината пред движењето. Сакам нашите студенти да ја гледаат истражувачката работа не како подготвителна фаза, туку како практика сама по себе.
Исто така: телото сè уште често се третира како послушна материја. Сакам да воведам методи во кои телото станува мислител, тело што протестира, домаќин… протечен сад на меморија и отпор. Ајде да престанеме да ги учиме танчерите како да го изведуваат светот, и да ги научиме како да го преиспитуваат – преку движење, преку одбивање, преку останување со непријатноста – или, уште подобро, да ја изреметиме таа статика, и да продолжиме да се движиме.
Александар Георгиев: Споделувањето уметнички практики, рефлексивни динамики, заедничко размислување, искуства и модели на работа од различни активни фигури во полето на танцот и кореографијата – и во поширокиот контекст околу нив – за мене е од клучно значење.
Моето искуство постојано ми покажува дека програмите – едукативни, истражувачки, колаборативни – кои се темелат на славење на различноста и на модели на заедничко учење и ко-размислување, се најинтензивни и највлијателни. Тие програми имаат масивно влијание врз начинот на кој работам и ја развивам мојата практика.
Мислам дека македонскиот образовен систем – особено во полето на современиот танц – е крајно затворен и располага со многу малку ресурси за стабилна соработка со други програми, сцени, естетики, политички позиции, или етички модели на работа. Така станува сè потешко за различни уметници, гледишта и практики да се вклучат или да бидат препознаени како релевантни.
Највлијателни за мене биле програмите кои не се темелат на еден централен идентитет или на еден начин на разбирање на танцот, туку на курикулуми изградени од триесетина различни професори, секој со свој политички став, естетски модел, етичка рамка и развојна логика. Тоа ми изгледа како вистинска подготовка за реалноста на уметничкото дејствување – каде сè што мислиме, споделуваме и правиме, е колективно, публично и интерсубјективно, а не индивидуализирано, капитализирано и авторитарно.
Верувам дека една од фундаменталните слабости на нашиот едукативен систем е верувањето дека контролата треба да биде централизирана – во рацете на еден или двајца „надгледувачи“ на развојот. Тоа не остава простор за непредвидено, за грешка, за експеримент, за судир на различни мислења и светогледи. Ни недостига модел што слави разлики – каде што постојат повеќе, паралелни, па дури и конфликтни перспективи за тоа што значи развој, што значи танц, што значи политичност, или телесност.
Таков модел не создава уметници што „го знаат патот“, туку тела што се подготвени за реални, живи и комплицирани соодноси со јавноста, со сцената, со историјата и со иднината.
Се надевам дека ова комуницира барем дел од мојата позиција – иако темите се широки и не е лесно да се одговорат кратко и прецизно.
Александра Петрушевска: Сметам дека на одреден начин веќе влијаам врз македонскиот танцов контекст – најпрво како една од танчарките и кореографките кои се преселиле во странство, но сè уште активно работат во полето на изведувачките уметности. Верувам дека тоа може да има мотивирачко значење, бидејќи покажува дека е можно да се изгради уметничка кариера и надвор од локалниот систем – доколку постои волја, посветеност и љубов кон уметноста. Секако, не сите имаат еднакви услови, а и околностите не секогаш се наклонети, но за мене љубовта кон танцот е основа за секој понатамошен развој.
Додека го пишувам ова, станувам сè посвесна дека мојот пат не беше поддржан од ниту една институција, спонзор или фонд. За жал, никој од полето на танцот и кореографијата не го препозна како значаен. Со ова не сакам да се пожалам, туку да посочам на реалноста: дека секој се снаоѓа самостојно, а одговорноста паѓа на поединецот – иако танцот, по својата природа, е колективна пракса.
Моето знаење и искуство можам да го пренесам на различни начини, особено преку часови и работилници што ги втемелуваат научените практики низ годините и носат еден мој специфичен „печат на движење“. Тоа значи вежби и пристапи што се на границата меѓу перформативното и соматското, без строго раздвојување на двете. Ваквиот начин на работа најмногу ми помогнал, бидејќи не ја ограничува креативноста, а дозволува фокусот да остане на физичкиот аспект на изведбата.
Во последно време, сè почесто работам без музика со цел да се развие заеднички ритам меѓу учесниците, заснован на чувство и темпоралност, наместо на надворешна метрика. Таквиот интимен начин на работа ја зголемува присутноста „тука и сега“, и го охрабрува учесникот да биде свесен за вложеноста – и индивидуално и колективно.
Сум била сведок на начинот на кој се одржуваат часови и се работи со млади танчари – каде најчесто доминираат формална имитација, вертикална хиерархија и натпреварувачки дух. Ретко се обрнува внимание на индивидуалните квалитети, на јаките страни на секој поединец, или на тоа како тие млади луѓе би можеле да се профилираат во иднина во полето на современиот танц за да бидат попрецизно усмерени.
Она што најмногу недостасува, и што често го повторувам, е инфраструктура – стабилна подлога врз која може да се изградува и усложнува современиот танц. Не сметам дека проблемот е во луѓето – има и квалитетни луѓе и искрени намери – туку во недостатокот на визија и организираност. Недостасува желба да се создаде нешто што е во служба на колективното добро, а не на поединечен успех.
За да се промени тоа, потребно е преиспитување на културните политики. Во нивното обликување треба да учествуваат многу повеќе луѓе – не само оние што имаат најмногу видливост на сцената, туку и целиот спектар на културни работници во танцот: изведувачи, драматурзи, куратори, наставници и други активни членови на заедницата.